Колач од моркови и ореви, со фил од крем од лимон

 




Мал милион рецепти за колач со моркови, нели?

Еден е во низата, имам рецепти за неколку од нив ама овој ми е меѓу првите пет фаворити. 

Ако очекувате лесна текстура, ова не е најсреќниот избор за вас. Тешко, темно ароматично тесто кое што мириса на медењаци. Мириса на кора од портокал и се лепи на непцата. Потсетува на снежно попладне, детски џагор и мирис на планински чај со лимон, штотуку ставен во дебела керамичка шолја. Мириса на дома.

СОСТОЈКИ

За бисквитот

  • 200 гр остро пченично брашно
  • 150 гр мек кафеав шеќер (Мусковадо)
  • 2 јајца М големина на собна температура (околу 110 гр, мерени без лушпата)
  • 150 мл масло за готвење (не маслиново)
  • 200 гр крупно рендани моркови
  • 100 гр крупно дробени ореви
  • 1 лажиче прашак за пециво
  • 1/2 лажиче сода бикарбона
  • 2 лажички ѓумбир во прав
  • 1/2 лажичка мелен кардамом
  • 1/2 лажичка цимет
  • 1/2 лажичка сува мелена кора од портокал или 2 лажички рендана кора од свеж портокал
  • 1/4 лажичка сол
За филот одозгора
  • 250 мл шлаг (најубаво млечна павлака за шлаг, без шеќер)
  • 1 лимон (само сокот)
  • 2 лажици шеќер во прав
  • 2 до врв полни лажици крем од лимон (lemon curd)



НАЧИН НА ПОДГОТВУВАЊЕ

Вклучете ја рерната на 170 С да се загрее додека го приготвувате бисквитното тесто. Со хартија за печење, обложете го дното на тркалезна форма за печење со пречник од 20 цм, а страниците на калапот намачкајте ги со масло за готвење. 

Во подлабок сад измешајте ги сите суви состојки, освен шеќерот. Во друг сад, кратко со миксер изматете ги јајцата, маслото и шеќерот и во оваа мешавина додадете ги сувите состојки. Измешајте со шпатула и додадете ги морковите и оревите. Смесата ќе биде многу густа и леплива ама ќе се разретчи малку кога ќе ги дадете ренданите моркови. Префрлете ја смесата во садот за печење и печете околу 55 до 60 минути. Времето на печење највеќе ќе зависи од тоа како пече вашата рерна и за да бидете сигурни дека бисквитот е печен, боцнете го со чепкалка. Ако излезе сува, колачот е готов, ако има траги од тесто на неа, мора уште да се пече.

Печениот колач ставете го на решетка да се излади, но не го вадете од калапот додека е се уште топол. 
Додека колачот се лади, подгответе го филот. Изматете шлаг, додадете го шеќерот во прав, сокот од лимон и кремот од лимон и матете кратко. Кога колачот ќе се излади, извадете го од обрачот и исфилувајте го одозгора. 




Најубав е кога ќе одлежи еден ден во фрижидер бидејќи аромите во потполност се развиваат. Печен, но без фил, може да се замрзне и се филува откако ќе се одмрзне.

Коментари