Fröknäcke или во превод плочки/двопек од семиња.
Без глутен, без млечни производи, без јајца, направен од семиња кои што во моментот ми беа достапни. И одличен!
Во Шведска, најчесто се јаде за појадок, наместо класичен леб, намачкан со путер врз кој се редат тркалца краставици, тркалца од варени јајца, парче жолто сирење или во превод, кашкавал. Јас го сакам со крем сирење или со џем или чоколаден крем.
Ги има да се купат, но се поприлично скапи и со додаток на брашно или продукти од пченица, па решив да си ги направам сама.
Се прават многу едноставно, а излегуваат многу плочки; цел плех од рерна (30х40 цм).
Ова беше мојот избор на семиња. Се мери со истата чашка со запремнина од 240 мл, а сите семиња се сурови, односно непечени.
СОСТОЈКИ
- 1 чаша семки од сончоглед
- 1 чаша семки од тиква
- 1 чаша ленено семе
- 1/2 чаша чиа семе
- 1/2 чаша сусам
- 1 супена лажица псилиум (може да се изостави, но подобро ја врзува смесата)
- 1/2 лажиче сол
- 1 1/2 чаша кокосово или брашно од бадеми
- 350 - 450 мл вода, во зависност од користеното брашно
НАЧИН НА ПОДГОТОВКА
Во подлабок сад се истураат сите семиња, брашното, солта и псилиумот и добро се промешуваат.
Внимателно и во повеќе наврати се додава врела вода, истовремено мешајќи ја смесата. Количината на водата зависи од тоа какво брашно ќе користите. Ако користите кокосово брашно (брашно, не рендан кокос за колачи), тогаш ќе биде потребно повеќе вода, бидејќи кокосовото брашно има поголема моќ на впивање на течности за разлика од бадемовото брашно.
Добро промешајте и оставете ја смесата да одмори 10 минути. За тоа време вклучете ја рерната на 160°С.
На плехот од рерната, ставете хартија за печење и врз неа истурете ја топлата смеса. Со рака добро и силно истапкајте ја целата, додека не се пополни и не се израмни целата површина.
Со нож плитко засечете форми на правоаголни плочки.
Ставете да се пече прво 30 минути, потоа отворете ја рерната за да излезе пареата и уште еднаш со нож поминете по засеците. Печете уште 30 до 40 минути, додека смесата не порумени по краевите.
Извадете ја од рерна, повторно поминете со нож по засеците и почекајте плочките во потполност да се изладат.
Префрлете ги во вакуум кесички или во кутии со капак.
Вака складирани, можат да стојат со месеци.
Коментари
Постави коментар