Печени плескавици од тиквички

 


Многу ги сакам и среќа моја што има каде да купам тиквички дури и во ова есенско време. 

Денес ќе ми бидат и ручек и вечера. Со салата од гмечена краставица и грчки јогурт со копар, ова е совршен, лесничок и здрав оброк. 

СОСТОЈКИ

  • 2 средно големи тиквички
  • 1 главица кромид
  • 2 чешниња лук
  • 1 лажиче сув рузмарин
  • 30 гр рендан кашкавал или фета/овчо/кравјо/козјо сирење
  • 1 јајце
  • 2-3 лажици брашно (овде од наут) 
  • Сол и бибер по вкус
  • 1 лажица масло за мачкање на подлогата за печење
  • 1 лажица сол, за ренданите тиквички



НАЧИН НА ПОДГОТОВКА

Изрендајте ги тиквичките на крупната страна на рендето, посолете ги добро и ставете ги во цедалка околу половина час, за да пуштат вода. 
Во меѓувреме во сецко или со ренде исецкајте/изрендајте ги кромидот и лукот. Тиквичките добро исцедете ги од течноста и додадете ги на кромидот и лукот. Додадете ги и останатите состојки, убаво измешајте и смесата оставете ја фрижидер околу еден час. 

Вклучете ја рерната на 220 С. Извадете ја смесата од фрижидер, и од неа формирајте потенки плескавици кои што ќе ги редите на плех од рерна, прекриен со намастена хартија за печење. 

Печете 15 - 20 минути, додека не поруменат од горната страна. Оставете ги во плехот, додека не се изладат малку и спремни се за јадење. 
Од оваа смеса ми излегоа 8 плескавици. 


Коментари

Постави коментар