Неделно безделничарење води кон непромислени одлуки или зошто пак имам шишки?

 


Имам природно виткана коса и кога не ја фенирам, се чешлам од бањање на бањање. Е, па недела е, дијаспора ги задржа старите навики и се избањав истовремено расчешлувајќи ги чворовите на задниот дел на главата, или што би рекле, на тилот. Трилерот кулминираше со една рака искубана коса и скршен чешел. Шмрц!

Се исфенирав и седнав да се напијам кафе на раат и да ѕирнам што има на нет. Необјаснив момент е како стигнав да пребарувам фризури со шишки кои му прилегаат на тркалезно лице, јер такво имам. Десет минути подоцна се обидував да се привикнам на одразот во огледалото, додека онаа во мене вриштеше „зошто, побогу?!„ Зошто, затоа, готово е сеа!

Во ред, ќе си напраам некое здраво благце за после, колку да го пребродам моментот на емоционално јадење џанк храна во вакви моменти. Подобро да не ја ни направев утешителната награда, затоа што јас ја јадев неа, а таа ме јадеше мене. Џизс!

Ручекот ми го поправи утепаното его кое никој не може така да ти го срине, ко што можеш самиот да си го направиш тоа. Изем ти људско понашање! Да прашам нешто; дали како олеснителна околност се рачуна ПМС? Не, а? Шмрц уште еднаш!

Да не должам, да кажам дека за денес смучкав печени надкопани со прилог од батат и салата од мини доматчиња. А, несреќниот десерт кој што требаше да ми биде некаков комфорт се укажа во форма на чоколаден мус од авокадо. 

Месото и бататот се печени во airfryer, единствената грешка што сум ја исправила кога решив да го купам откако го изнаплукав на мртво име по беспаќата на Твитер.

Количините се за едно лице, бидејќи од среда до недела сум сама како сираче и ич не е забавно да кркаш сам. Ич!

СОСТОЈКИ

  • 2 парчиња пилешки надкопан, без коски, со нешто малку кожа
  • 200 гр батат
  • 1 лажица маслиново масло
  • зачин за грил
  • суви провансалски треви
  • сол и бибер по вкус
  • 1 рака мини доматчиња (за салатата)
НАЧИН НА ПОДГОТОВКА

Зачинете го месото со сувата мешавина зачин за грил и ставете го во садот од airfryer-от кој што сте го обложиле со алу фолија. Не мора фала за помалце рибање после. Вклучете на 200 С 20 минути, со едно превртување на парчињата месо на половина од предвиденото време. Не претерувајте со печење, ни треба сочно месо, а не дрва!



Во меѓувреме, излупете го бататот и исечете го на средно големи парчиња, зачинете со сол, бибер, сувата мешавина на провансалски тревки и маслиновото масло. 

Кога месото ќе биде печено, на истата алу фолија ставете го бататот и печете го 30 минути, со 3-4 превртувања во текот на предвиденото време, за да може рамномерно да се испече.




Доматчињата пресечете ги на половина и зачинете ги по сопствена желба. Овде само сол.




Со ручекот завршивме. Сега следат состојките за несреќниот „здрав„ мус од авокадо.




СОСТОЈКИ
  • 30 гр авокадо (толку имав одмрзнато, планирајќи го за салата)
  • 1 лажица еритритол (засладувајте со што ви е по волја)
  • 1 полна лажичка какао во прав
  • една лажица незасладена матена павлака за шлаг, за топингот



НАЧИН НА ПОДГОТОВКА

Сите состојки ставете ги во класичен блендер/ сецко или како мене, иситнете ги со стапчест блендер. Префрлете во малечок сад и украсете со матениот шлаг. Нека се одмори во фрижидер додека не му дојде времето за дегустација.





Како капак на се, после долго премислување го изгледав „Blonde„, на Нетфликс. Боље да не го гледав. Идам да си ставам едно кафе, за да го подобрам впечатокот на денов, ако такво нешто е возможно.


Коментари