Потпечена свежа зелка со кременадлиња

 


Од мала не сакав манџи, варива и било што со лажица, а особено не, манџа од свежа или како што си ја викаме дома, слатка зелка. 

Овде во Шведска, ретко можеш да најдеш свежа зелка која што е погодна за варива, а на таква налетав минатата недела, планирајќи ја за едно друго јадење. Меѓутоа, сосема непланирано заврши во најомилената комбинација на Љубиша, зелка со мрсничко (фрагмент од култниот македонски филм "Самоуништување"). 

Бидејќи не го сакам мирисот на свежа готвена зелка, додадов уште една магична состојка, која што му даде една потполно друга димензија на целото јадење. 

Ѕирнете во состојките за да откриете сами 😊

СОСТОЈКИ (за 3-4 лица) 

  • Околу 1.5 кг свежа зелка, насецкана на резанки дебели околу 1 цм
  • 1 голема лажица свинска маст
  • 1 главица кромид
  • 400 - 500 гр Свинско месо (овде свинско каре, но најубаво со врат или плешка) 
  • Сол и бибер во зрно, по вкус
  • 1 лажица мелен црвен пипер
  • 1/2 лажиче каенски пипер или лут буковец
  • 1/2 лажиче кумин (НЕ ким!) 
НАЧИН НА ПОДГОТОВКА
Во тенџере кое што може да се користи и во рерна, кратко испржете го посоленото месо и извадете го на тањир. На истата маст испржете го сечканиот кромид и кога ќе стане стаклест, додадете ја исечканата зелка. Веднаш посолете и почнете полека да ја пржите додека не пушти вода и малку не овене. Додадете ги останатите зачини, убаво измешајте и сега одозгора положете ги парчињата месо и додајте го месниот сок кој што го пуштило месото. 
Поклопете го тенџерето со капак и ставете го во загреана рерна. 

НЕ ДОДАВАЈТЕ ВОДА! Зелката ќе се динста и ќе се пече во сопствените сокови. 

Печете на температура од 180 С додека зелката не омекне (боцнете некое подебело парче зелка, за проба). Тргнете го капакот, зголемете ја температурата на 250 С и печете кратко, само колку да порумени одозгора. На крајот, не треба воопшто да има вода на дното на тенџерето, треба да остане само на маста. 

Мирисот на куминот го покрива оној специфичен мирис на свежа зелка кој што не го сакам и тој е мојата денешна магична состојка. 😊

Мирисаше толку добро и бевме толку гладни што на никој не му падна на памет да направи едно сличе на сервиран тањир. 

Проштевајте што не ми е жал за тоа! 😊❤

Коментари