Веганско и кето тесто за пица



Пица може секогаш, во сите прилики, ладна или топла, не правам проблем. 😊

Меѓутоа, кога мораш да бидеш на посебен режим, не можеш да јадеш она што сакаш, туку она што мораш. 

Мора да може, ништо не е невозможно само треба малку време за да дојдеш до возможното, односно прифатливо решение. 

После мноогу лутања, експериментирања со различни состојки, конечно имам задоволувачко решение за тесто за пица кое што навистина по текстурата многу личи на обично тесто за пица од пченично брашно. 

Е сега, проблемот е како да не се прави толку често за да не стане кето џанк фуд. 😊🙈🙊

Се прави многу лесно и многу брзо од само 3 главни состојки, а печената база може да се замрзне и да се искористи подоцна. 

СОСТОЈКИ

(за една пица) 

  • 75 гр кокосово брашно (не рендан кокос кој што го користиме за колачи) 
  • 1/4 лажиче сол
  • 15 мл маслиново масло
  • 240 мл топла вода (не врела) 
  • 1 лажица псилиум (psyllium husk)
 НАЧИН НА ПОДГОТОВКА 

Во подлабок сад со лажица измешајте ги сите состојки и потоа продолжете да го месите тестото со рака околу 1 минута. 

Од тестото формирајте топка и оставете го во сад со капак да одмори 10 минути, додека псилиумот ја впие влагата. 

Сега на хартија за печење со оклагија истенчете го тестото, формирајќи диск. Рабовите нема да бидат рамни, но може да ги израмните со секач за пица, формирајќи тркалезна форма, за што поавтентичен изглед. 


Ставете на плех од рерна и печете 10-12 минути на 220°С, во претходно загреана рерна. 

Извадете го тестото и ставете си топинг по желба. Вратете во рерна и печете додека кашкавалот не се растопи. 


Јас ја филував со кето кечап, кашкавал, шунка, оригано и едно маслинче. 


Кога се јаде се осеќа едвај забележлив мирис на кокос, но мислам дека тоа ќе зависи и од тоа која марка на кокосово брашно користите. 

Тестото е многу меко и еластично, а еве како изгледа текстурата внатре. 





Коментари