Чорба од црвена леќа

 



Не сакам леќа. Уствари, не ја сакав додека не ја направив оваа чорба. 😊 Ова е веќе трета недела откако испробувам различни видови на храна за да видам која ми создава големи инсулински пикови и за да ја избегнувам во иднина. Денес беше ден за експериментирање со црвена леќа. 😊

Оваа чорба е готова за половина час и денес ми беше ручек. Мирисна, ароматична, зачинета таман колку да го заскокотка грлото, вистински пример за комфорт фуд и совршена контратежа на денешниот тмурен, врнежлив, типично есенски скандинавски ден. 

Сонце во чинија. ❤

СОСТОЈКИ

(за една длабока чинија чорба) 

  • 1 помала главица кромид
  • 2 чешниња лук
  • 50 гр сува (неварена) црвена леќа
  • 1 коцка за супа (по избор) 
  • Сол по вкус
  • Бибер по вкус
  • 1/2 лажиче куркума
  • 1/4 лажиче кумин. НЕ ким! 
  • 1 лажица маслиново масло
  • 1 лажица сок од лимон
  • Каенски пипер по вкус
  • 400-450 мл врела вода
  • 2 лажици пелат домати или 1 лажица концентрат од домати
  • 2 лажици сецкани листови коријандер
  • Масло од сусам (опционо) 
НАЧИН НА ПОДГОТОВКА
Ставете ги кромидот и лукот во сецко и ситно насецкајте ги. Во помал сад загрејте го маслиновото масло и на него испржете ги сецканите кромид и лук. Нека застаклат и малку нека свенат. Додадете ги куркумата и куминот и кратко пропржете. Додадете го пелатот (или концентратот од домати) и повторно кратко пропржете. Сега додадете ја измиената и исцедена леќа, врелата вода и коцката за супа. Варете околу 30 минути со често мешање, додека не се свари леќата. Додадете бибер, каенски бибер и сол по вкус. 

Одземете половина од сварената леќа, а остатокот изблендајте го додека не добиете кремаста текстура. Во кремастата чорба, вратете ја леќата која што ја одвоивте на страна, додадете ги сецканиот коријандер и сокот од лимон. 

Префрлете ја чорбата во длабока чинија и одозгора ставете малку масло од сусам и малку сушени листови коријандер. 


Коментари