Рецепт 2 во 1: стаклени колачиња и кранцли



Стаклените кексичи се секогаш хит, особено ако имате мали децови. Се прават многу лесно, а еднакво се и вкусни. 
Кога ми беа децата мали, секоја година ги правевме и со нив ја китевме новогодишната елка. 

Во Шведска е речиси невозможно да се најдат тврди бомбони кои што се потребни за да се добие ефектот на чиста стаклена површина. Заради полнењето во прав, јас добив килибарна верзија што на крајот и не излезе толку лошо. Напротив ☺




СОСТОЈКИ:

  • 400 гр брашно
  • 1 јајце
  • 170 гр шеќер во прав
  • 220 гр путер
  • 1/4 лажиче сода бикарбона
  • ванил шеќер
  • арома на горки бадеми (опционално) 
  • тврди бомбони без полнење во средината
НАЧИН НА ПОДГОТОВКА

Сите состојки мора да бидат на собна температура! 

Во сад пенесто се мати путерот, се додава шеќерот во прав и ванил шеќерот. 
Со непрекинато матење се додава јајцето и саканата арома. Јас додадов арома на горки бадеми, а може да се додаде арома на лимон, портокал и сл. 
Се додава просеаното брашно и сода бикарбона и убаво се меси со раце. Се дели на два дела, се замотува во пластична фолија и се остава во фрижидер најмалку 1 час. 



По изминатиот час, тестото се растенчува на набрашнета површина и со модли се вадат форми кои што се пренесуваат на плех обложен со хартија за печење. Сега на секое колаче во средината му се прави дупка во форма по желба, а ако овие колачиња ќе се користат како украс за елка, тогаш со стапче за ражнич се прави дупче низ кое ќе се провлече конецот. 




Тврдите бомбони се кршат на покрупни парченца и се ставаат во внатрешната празнина на колачињата, притоа внимавајќи да не излегуваат надвор од тестото. 







Се печат во загреана рерна на 170°С, 8-10 минути или додека не се стопат бонбоните. 

Се оставаат потполно да се изладат во плехот во кој се печеле бидејќи стопените бомбони се врели и течни. 



КРАНЦЛИ




Од истата смеса направив и кранцли, традиционални божиќни колачиња кои што ги филував со домашен пекмез од сливи и цимет. 




Се чуваат во лимена кутија и може да се јадат дури по ден два откако ќе се испечат (време потребно да омекнат). 

Коментари