Мариниран тофу со брокула

 


Тофуто како намирница ми има безброј пати прелетано низ моите бескрајни пребарувања во морето на рецепти на интернет, но никогаш не сум изразила желба да го пробам. До вчера. 

Вчера купив тофу со намера конечно да го пробам и бидејќи не знаев што да очекувам во смисла на вкус, текстура и изглед, решив да го направам на еден од наједноставните начини на подготовка, мариниран и испечен во aifryer. 

СОСТОЈКИ

(за 2 лица) 

* 180 гр тврд тофу

* 4 лажици соја сос

* 2 лажици оцет од ориз

* 1 лажичка ѓумбир во прав

* 1 лажичка сушен лук

* 1/4 лажиче каенски пипер

* 1 лажичка густин

* 2-3 лажици масло од сусам

* сусам (по желба) 

* 2 чешниња лук

* 300 гр цветови од брокула

НАЧИН НА ПОДГОТОВКА

Исцедете го тофуто од водата и исечете го на помали коцки. Во подлабок сад ставете ги соја сосот, оцетот, ѓумбирот, сушениот лук и каенскиот пипер, добро измешајте и во оваа мешавина измаринирајте ги коцките тофу. За маринирање ви се доволни 15 минути. 

Коцките тофу ставете ги во aifryer во еден слој и со четкичка премачкајте ги со масло од сусам. Печете ги 10 мин на 180°С, превртете ги од другата страна, намачкајте со масло и печете ги уште 5 минути. Ќе бидат темни и со крцкава коричка. 

Ако немате aifryer, може да ги испржите во нелепливо тавче, на малку сусамово масло. 

За гарнир, во тавче ставете ја брокулата раздвоена на цветови и подварете ја на малку вода, но сосема кратко, да остане ал денте. 

Кога водата ќе испари, додадете масло од сусам и сецканите чешниња лук, малку сол и испржете ја, додека малку не зарумени. 

Префрлете ја брокулата во тањир и преку неа наредете ги коцките тофу. 

Во истата тава во која се пржела брокулата, направете го преливот. На остатокот од маринадата во која се маринираше тофуто, додадете малку вода и една лажичка густин. Оставете за проврие и  веднаш прелијте преку тофуто. 

По желба можете да посипете со малку сусам, за покрцкава текстура. 





Коментари